Новости

Историски чекор во македонското здравство: За првпат изведена ротациона атеректомија во Охрид

Во ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – Охрид, успешно се изведени првите процедури на напредна ротациона атеректомија во Северна Македонија. Со ова се отвора ново поглавје во третманот на комплексна периферна артериска болест (ПАБ) – состојба која предизвикува силна болка, намалена подвижност и ризик од ампутација на екстремитетите.

Со имплементацијата на врвниот систем Jetstream™ Atherectomy System, на пациентите во земјата сега им е достапна минимално инвазивна терапија за третман на затнати и силно калцифицирани артерии на нозете.

Главни придобивки од третманот: Ефикасно отстранување на плакот и брзо обновување на протокот на крв,  намалување на болката и значително подобрување на подвижноста,  успешно третирање на комплексни случаи кои претходно беа тешки за менаџирање, пократок период на закрепнување и можност за избегнување на класична отворена операција.

Овие историски интервенции беа изведени под менторство на врвниот доц. д-р Владимир Цветиќ. Како главна движечка сила зад овој проект се истакна д-р Дејан Манчевски, чија визија и посветеност го донесоа овој медицински пробив во Македонија.

Овој успех е резултат на силната поддршка и лидерство на директорката на болницата, како и на успешното партнерство меѓу компанијата ПРОМЕДИКА, тимот на болницата и BOSTON SCIENTIFIC 

Со воведувањето на оваа метода, Специјализираната болница во Охрид ја подигнува васкуларната нега во државата на светско ниво, носејќи им на пациентите поквалитетен живот и побрзо лекување.