Новости

Нов голем чекор за македонското здравство: Воведени врвни ендоскопски процедури на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје

Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија – Скопје испиша нова страница во македонската медицина. За првпат во земјата беа успешно изведени напредни ендоскопски интервенции кои воведуваат нови, светски стандарди во минимално инвазивното лекување.

Со помош на најсовремена технологија, на пациентите им се овозможуваат третмани кои досега бараа тешки хируршки операции или лекување во странство:

  • LAMS (Lumen-Apposing Metal Stent): Овозможува внатрешна дренажа (на пример, на панкреасни цисти) без потреба од класична операција.
  • SpyGlass™ систем за директна визуелизација: Овозможува прецизен преглед, насочена биопсија и третман на комплексни состојби на жолчните патишта.
  • EHL (Електрохидраулична литотрипсија) со SpyGlass™: Овозможува успешно кршење и отстранување на големи и комплексни жолчни камења кои се тешки за менаџирање со стандардни методи.

Во рамките на овие интервенции, домашниот ERCP тим за првпат самостојно изведе процедури за поставување на LAMS стентови, што е огромен доказ за брзото градење на локална стручност и клиничка независност.

Врвен тим и силна меѓународна соработка

Процедурите беа изведени под менторство на истакнатите интернационални експерти д-р Петко Караѓозов (MD, PhD, FASGE) и Христо Доброславов Добрев, кои несебично го пренесоа своето знаење.

Овој медицински пробив е резултат на визијата и лидерството на директорката на Клиниката, проф. д-р Мери Трајковска, како и на силното партнерство меѓу ПРОМЕДИКА, тимот на Клиниката за гастроентерохепатологија и Boston Scientific.

Со оваа пресвртница, врвната ендоскопска нега стана реалност и секојдневие за пациентите во Северна Македонија.